– ПРОЕКТ: „ Намалување на отпадна пластика на територија на Општина Кочани преку воспоставување на систем за производство на екo плочки за надворешно уредување од отпадна ПЕТ пластика“

Грантист: Здружение за екологија и заштита на животната средина „Еко Тим Исток“ – Кочани

Подржан од ГЕФ ПМГ: 26.317,00 $

Кофинансирање: 11.665 $

Личен допринос (ин кинд): 4725 $

Почеток на проектни активности: 01.04.2021

Крај на проектни активности: 31.08.2022

ЗОШТО ВАКОВ ПРОЕКТ:

Во РС Македонија отпадот е втор понор и емитер на стакленичкин гасови и се наоѓa веднаш по секторот енергетика . Најголем дел од отпадот во РС Македонија се депонира на легалните и илегалните – таканаречени диви депонии кои поради пренатрупаноста со секаков вид на отпад често се запалуваат/самозапалуваат со што претставуваат потенцијални ризици за биодиверзитетот, земјоделското земјиште и здравјето на луѓето. Активностите на преработка и рециклирање на комуналниот отпад се многу ограничени. Искористување на материјалите што може да се рециклираат, како метал, хартија, пластика, автомобилски батерии и акумулатори се врши од неформалниот сектор. Согледувајќи ги ваквите состојби, идентификувана е потребата од намалување на отпадот, особено на отпадната ПЕТ пластика, како еден од најтешко разградливите отпадни материјали.

Идејата на овој проект е преку два паралелни проекти на здруженијата на граѓани (ЕКО ЛАЈФ – Гевгелија и Еко Тим Исток – Кочани) и две фирми со Дозволи за собирање, складирање, транспорт и третман на комунален и други видови на неопасен отпад од Гевгелија (Близнак-Ком) и Кочани (Екопроект-Ко) кои припаѓаат на два региони (Југоисточен и Источен регион) да се воспостави систем на преработување на отпадна ПЕТ пластика и отворање на нови пазари за реупотребени и рециклирани материјали, поточно производство на еко плочки за надворешно уредување со користење на 30% отпаден ПЕТ и 70% песок, кој што на пазарот ќе излезе како сертифициран производ.

КАКВИ АКТИВНОСТИ СПРОВЕДУВАВМЕ?

  • Набавивме (дел од) опрема и инсталиравме линија за производство на еко плочки за надворешно уредување од отпадна пластика и песок;
  • Во Кочани воспоставивме систем за собирање, дробење и транспортирање до Гевгелија на отпадна ПЕТ пластика за производство на еко плочки;
  • Медиумски го промовиравме проектот на повеќе нивоа;
  • Изработивме видео запис за промовирање на проектот и производот;
  • Реализиравме маркетинг стратегија за промоција и продажба на еко плочките;
  • Во проектот ги вклучивме младите преку организирање на еко работилници и он-лине натпревар за најдобра творба на тема рециклирање;
  • Одржавме низа на он-лине обуки и состаноци со нашето партнер здружение од Гевгелија за размена на искуства и знаења, заедничко координирање на проектите, подготовка на активности, извештаи.

РЕЗУЛТАТИ И ПОСТИГНУВАЊА НА КОИ СМЕ ГОРДИ

Започнавме со производство на првите еко плочки за надворешно уредување исклучиво од отпадна пластика и песок, кој производ на пазарот излезе како сертифициран производ и побуди многу голем интерес. Во процесот на производство вклучивме повеќе засегнати страни (училишта, ресторани, физички лица – неформални собирачи на отпад во делот на собирање (селектирање) на отпадот, нашата партнер фирма „Екопроект-КО  со дозволи за собирање, транспорт и третман на неопасен и друг вид на отпад во делот запазување  на законските процедури при третман на отпад), и секоја од нив со свој бенефит во проектот. Ја зајакнавме свеста на младите и пошироката јавност за важноста од селектирање и рециклирање на пластичен отпад.

Линк кон веб страна на проектот: https://ekoplocki.mk/

Линк кон видео за процесот на производство на еко плочки: https://www.youtube.com/watch?v=TLwnMefWXTs&t=28s

ДРАГОЦЕНИ ИСКУСТВА И НАУЧЕНИ ЛЕКЦИИ

Со оглед на фактот што во исто време и за иста цел се имплементираа два паралелни проекти, заклучивме дека довербата во другиот е многу битен сегмент во процесот на заедничко работење. Исто така, бидејќи проектот се имплементираше во период на Ковид 19, светска економска криза и воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, научивме дека не секогаш работите зависат од нас и дека истите може да се променат во еден миг.