По повод 21 март – Денот на пролетта и Неделата на екологијата (21 – 28 март), нашето здружение започна со реализација на еколошка акција насловена како „Од отпад – до саксии за цвеќе“, а под мотото „Засади пролет!“. Почетна локација на спроведувањето беше основното училиште „Гоце Делчев“ во Виница, каде што акцијата се одвиваше во соработка со овдешниот еко одбор и ликовната паралелка. Целта на акцијата е учениците да се запознаат со реупотребата на отпадот, да се едуцираат дека секој отпад не е ѓубре, да се поттикнат да размислуваат и во една поинаква димензија, да ја развијат свеста за животната средина и за значењето на екологијата, и сето тоа преку еден креативен и за нив мошне интересен процес. Во текот на Неделата на екологијата се планира со креативните крајни резултати од оваа еко-акција да се украсат и дворот на училиштето „Славчо Стојменски“, како и дворното место пред управната зграда на „Макпрогрес“ – Виница. Акцијата на „Еко тим исток“ во Виница е поддржана од Општина Виница и од компанијата „Макпрогрес“. Инаку, во организација на ЕКО ТИМ ИСТОК, во тек се вакви пролетни акции и во општините Кочани и Македонска Каменица, а наскоро ќе објавиме фотографии и од текот на акцијата во овие општини. Среќен Ден на пролетта!